Историја на Евреите во Македонија

E-mail Print PDF

Постоењето на еврејскиот народ на македонска територија датира од многу одамна.

Според некои истражувања, населувањето на еврејскиот народ на територијата на Македонија и воопшто на Балканскиот Полуостров започнува по Дариевиот поход (513 год. пр. н.е), а според други, по походот на Александар Велики во Мала Азија (330 год. пр. н.е).

Постојат податоци и сведоштва за стари еврејски населби во Македонија од сите епохи, но највредни се секако археолошките ископини на синагога во античкиот град Стоби кои датираат од 3 до 4 век. Со археолошкиот наод на Полихармовиот столб на кој е испишан текст со грчки букви се потврдува постоењето на организирана Романиотска еврејска заедница околу синагогата во Стоби уште во 3 и 4 век.

Со распаѓањето на Римското Царство на Источно и Западно и потпаѓањето на Македонија под Византија настапува тежок период за Евреите. Во тоа време христијанството станува државна религија и започнува силна антиеврејска пропаганда. Донесени се многу рестриктивни закони за еврејскиот народ (забрани за градба на нови синагоги, вршење верски обреди, вршење државна служба, празнување на Пасха пред Велигден, коментирање на Тората и сл.)

Поголемо мигрирање на Евреите на македонска територија се бележи во 613 год. со наредбата на кралот Сизебут за протерување на сите Евреи од Шпанија кои не сакале да го примат христијанството. Тоа е времето кога на територијата на Византија се населуваат и словенските племиња.

По навлегувањто на Норманите и крстоносците, бројот на еврејските општини во Македонија се зголемува, благодарение на сè поголемиот прилив на доселеници Евреи од Италија, Франција, Германија и Унгарија. Во тоа време во Охрид се родил прочуениот еврејски лекар, талмудист, филозоф, граматичар, математичар и лингвист Јуда бен Моше Москона, кој има многу големи заслуги за развојот на културата во Македонија, коишто се споменуваат и во Руската еврејска енциклопедија.

Со навлегувањето на српските војски во Македонија во 1282 година, а особено по заземањето на повеќе македонски градови од страна на цар Душан (1331-1355 год) во новата српска држава се споменува постоење на Евреи (главно од Македонија и Тесалија). Постоење на Евреи во тој период се споменуваат и во хрисовулите на цар Душан.

Со доаѓањето на Турците на Балканскиот Полуостров во1354 год. и потпаѓањето на Македонија под турска власт, положбата на Евреите во Македонија значително се изменила. Им биле дадени истите права како и на останатото немуслиманско население. Во 1366 год. е изградена и првата синагога во Скопје, а во 1382 год.се споменува и еврејска опшина во Охрид. Во 1453 год. кога Мехмед II го зазема Цариград, многу видни Евреи од Охрид се преселуваат во таму, каде што сè до 19 век постоела Охридска синагога.

Најголемиот прилив на Евреи во Македонија се случува од 1492 до1496 год. со прогонот на Евреите од Шпанија и Португалија. Наклонетоста и гостопримството на султанот Бајазит II кон Евреите доселеници им донесле слобода и многу поголеми права од оние што дотогаш ги имале. Во Битола се бележат дури 9 синагоги, во Скопје 3, а во Штип 2. Овие Евреи зборувале ладино или јудео-шпански, со себе донесле елементи на развиена култура и имале важна улога на економско и културно поле, а бидејќи знаеле да зборуваат неколку јазици биле барани како посредници меѓу Истокот и Западот.

Во 17 век на територијата на Македонија се бележи и работата на пророкот Натан од Газа, кој бил погребан во Скопје во 1680 год. Многу Евреи од целиот свет доаѓале на поклонение пред неговиот гроб кој е уништен во Втората светска војна.

Постојат историски податоци за учеството на Евреите во македонската револуција (илинденскиот војвода Рафаел Камхи кој за време на Илинденското востание бил на чело на единицата во Дебар, како и Ментеш Колономос, Санто Ароести, браќата Мушон и Аврам Нисан) и во Младотурската револуција. Многумина од нив ги прифаќаат и визиите на Кемал Ататурк. Воедно постојат и белешки за разговори меѓу Ѓорче Петров и Теодор Херцл за ослободување на Македонија.

По Првата светска војна целосно се уништени еврејските заедници во Дојран, Струмица, Прилеп, Велес, Удово, Гевгелија и Куманово, а членовите на другите заедници масовно се селат во Солун.

На 6 април 1941 год. тогашна Југославија е окупирана од нацистичка Германија. Македонија, Тракија и Јужна Србија потпаѓаат под Бугарската нацистичка влада која го донесува Законот за заштита на нацијата, потпишан од цар Борис III, со кој се наложува носење жолта Давидова ѕвезда и низа други забрани за Евреите (забрана за брак, земјоделство, настава, високо образование, како и посебни даноци, конфискација на имоти и банковни сметки). На 11 март 1943 год. Евреите од Скопје, Битола и Штип се собрани во скопскиот Монопол, како привремен логор, и оттаму преку три последователни транспорти (22, 25 и 29 март 1943 год.) со вагони се однесени во логорот на смртта Треблинка, и оттаму никој не се вратил. 98% од вкупното еврејско население од Македонија загинало во Треблинка.

Во отпорот против фашизмот во Македонија еврејското население активно учествува со материјални средства, криење на борци и пропаганден материјал. Во првите партизански единици на отпорот учествуваат млади Евреи. Некои од нив се истакнуваат како борци и раководители на движењето. Естреја Овадија Мара од Битола е прогласена за Народен херој на Југославија, а други 12 се добитници на Споменици 1941-1945 год.

 

 

 
replica grey band watch
replica purple band watch
replica orange band watch